СОНК и МТСП разговараа за платите во градинките за време на штрајкот и за нов колективен договор

Штрајк на СОНК, училишта.

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) Јаким Неделков денеска имаа средба на која било разговарано за барањата кои се дел од одлуката за штрајк на вработените во градинките и прашањето за платите на вработените за време на штрајк. На средбата присуствувале претставници од двете страни во дијалогот.

Тие разговарале и за формирање на работна група за нов колективен договор за предучилишните установи, чија важност истекува со јуни.

„Новиот колективен договор треба да понуди нови решенија кои ќе значат унапредување на предучилишното згрижување и воспитување“, соопшти Министерството за труд и социјална политкка за денешната средба со СОНК.

На состанокот бело договорено дека дијалогот ќе продолжи и следна средба да се одржи на 17 мај, како што се наведува, со цел да бидат најдени решенија во рамки на позитивните законски прописи.

Советот на СОНК донесе одлука да го стави штрајкот на просветните работници во мирување откако до него беше доставено известување од Министерството за труд и социјална политика дека Министерството за образование и наука е подготвено за мирно решавање на спорот.

Штрајкот започна на 11 април. Барањата на СОНК се зголемување на платите за 18,5 отсто односно нивно усогласување со минималната плата која од март се зголеми на 18.000 денари и дополнително минималната плата да биде основица со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работни места. Владата им понуди 12 отсто повисоки плати.