Стратешкиот дијалог со САД во фокусот на средбата Османи – Нуланд

Средба на министерот за надворешни работи, Бујар Османи со Викторија Нуланд, потсекретар за политички прашања во Стејт департментот

Претстојното одржување на Стратешки дијалог меѓу Северна Македонија и САД на 2-ри јуни во Вашингтон, беше во фокусот на средбата на министерот за надворешни работи, Бујар Османи со Викторија Нуланд, потсекретар за политички прашања во Стејт департментот, на маргините на министерскиот состанок на Глобалната коалиција за борба против ИСИС, во Маракеш.

Како што соопштија од МНР, Стратешкиот дијалог претставува голем дипломатски успех и нов исчекор во билатералните односи меѓу двете земји.

„Стратешкиот дијалог претставува потврда за силното сојузништво меѓу двете земји и надградување на долгогодишното стратешко партнерство. Воедно, тоа е израз на нашите заеднички заложби за зајакнување на врските и промовирање на споделените вредности за демократски развој и стабилност во регионот, кој претставува составен дел на евро-атлантската заедница” истакнал Османи на средбата изразувајќи благодарност за недвосмислената американска поддршка за македонските евроинтегративни процеси.

Притоа од македонска страна била истакната потребата од зајакнато присуство на САД во регионот како гаранција за регионалната стабилност, а соговорниците размениле мислења и за состојбите во Украина, изразувајќи поддршка за земјата и солидарност со украинскиот народ, како и силна осуда за руската воена инвазија.