ЕУ: Се укинува задолжителното носење на маски во авионите

илустрација

Од следната недела во Европската унија нема да биде задолжително носењето заштитна маска во авионите и на аеродромите, соопшти денеска Европската агенција за воздухопловна безбедност (ЕАСА).

Агенцијата изрази надеж дека одлуката, донесена заедно со Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ), ќе биде „голем чекор напред кон нормализирање на воздушниот сообраќај“.

Новите препораки ги земаат предвид „најновите случувања во пандемијата, особено нивото на вакцинација и природно стекнатиот имунитет“, како и укинувањето на рестриктивните мерки низ Европа, објаснуваат од Агенцијата.

„Патниците сепак треба да се однесуваат одговорно и да ги почитуваат другите околу себе. Патникот кој кашла и кива треба сериозно да размисли да носи заштитна маска за оние што седат во близина“, рече извршниот директор на Европската агенција за воздухопловна безбедност, Патрик Кеј.

Директорот на Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) Андреа Амон, додаде дека хигиената на рацете сепак треба да се одржува и да се одржува растојание, но дека аеродромските оператори се советуваат да не воведуваат задолжително растојание доколку тоа предизвикува „метеж“.

Европските институции, исто така, препорачуваат авиокомпаниите да ги задржат системите за собирање податоци за локацијата на патниците во случај овие системи да бидат потребни во иднина.

Иако новите препораки стапуваат на сила на 16 мај, правилата за носење маски после тој датум може да зависат од авиокомпанијата, ако летот оди до или од дестинација каде што правилата се различни.