Нема продолжување на учебната година во средните училишта

илустрација

Нема продолжување на учебната година во средните училишта, заклучи Владата на денешната седница на која донесе одлука за утврдување на бројот на наставните денови во учебната 2021/2022 година во средните училишта.

„Со оваа одлука се утврдува дека бројот на наставните денови во тековната учебна година во средните училишта изнесува 146 наставни денови, односно дека нема продолжување на учебната година“, информира прес-службата на Владата.

Владата на оваа седница ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од склучување договор за грант за проектот „Рехабилитација на објекти за физичко образование во основните и средните училишта и набавка на спортска опрема во Северна Македонија“, меѓу Република Северна Македонија претставувана од Министерството за образование и наука и Банката за развој при Советот на Европа (ЦЕБ).

„Грантот доаѓа од Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF), во висина од три милиони евра и е наменет за реконструкција на 30 постоечки училишни спортски сали во основни и средни училишта и за опремување со спортска опрема на 50 постоечки училишни спортски сали во основни училишта“, соопшти владината прес-служба.

На истата седница меѓудругото е донесена и одлука да престане важноста на одлуката за ограничување на извозот на масло од сончоглед.

Одлуката била донесена врз основа на констатираната состојба дека тековното домашно производство на масло од сончоглед редовно го снабдува домашниот пазар за потребите за широка потрошувачка односно за сервисирање на граѓаните, оти постоечките количини позитивно влијаат на стабилната состојба со овој основен прехранбен производ, како и дека нема потреба да се создаваат вишоци, односно залихи на масло од сончоглед за јадење.