Реакции во Бугарија, Грција и Србија за канонското признавање на Охридската Архиепископија

Откако Вселенската патријаршија ја призна Охридската Архиепископија возобновена во лицето на МПЦ за канонска и ја отстрани повеќедецинската шизма, денеска има реакции во јавноста во соседните земји како Бугарија и Грција и Србија.

Дел бугарски теолози коментираат дека одлуката е нож за западниот дел на Бугарската православна црква за кој Охридската Архиепископија е дел од историскиот и духовниот простор и дека тоа е најстара бугарска црковна институција.

Грчките медиуми пишуваат дека Вселенската Патријаршија ја признала црквата на Северна Македонија и дека тоа предизвикало задоволство во Скопје. Во други наслови се вели дека Вселенската Патријаршија ја признала црквата на Северна Македонија како Охридска црква, дека Охридската црква на Северна Македонија станува канонска. Грчката новинска агенција АНА-МПА пишува дека одлуката за признавањето не значи и доделување на автокефалност.

Танјуг пренесува изјава на експертот за верски прашања д-р Јован Јањиќ кој вели дека „таканаречената Maкедонска православна црква не е признаена од Вселенската Патријаршија туку од Цариградската Патријаршијакоја е само прва по ранг меѓу сите помесни православни црвки во светот“.

По вчерашното заседание на Светиот Синод, од Вселенската патријаршија соопштија дека одлучиле да ја отстранат повеќедецениската шизма наложена врз Охридска Архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ, односно да ја признаат црковната јерархија предвоена од Архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет и да се воспостави канонско и литургиско општење со неа.

По ваквата одлука руската православна црква (РПЦ) излезе со став дека ги признава само канонските права на Српската православна црква (СПЦ) во Северна Македонија.

„Руската православна црква ги признава исклучителните канонски права на СПЦ во Северна Македонија. Ставот на РПЦ, пред сѐ ќе го земе предвид пристапот на тој проблем на Српската црква, на која и натаму и ги признаваме исклучителните канонски права во Северна Македонија“, изјави секретарот на Одделението за надворешни црковни врски на Московската патријаршија, протоереј Игор Јакимчук.