Руските напади се интензивираат, украинскиот отпор го спречува Путин да објави победа

УКРАИНА - Поглед на фабриката за железо и челик Азовстал за време на украинско-рускиот конфликт во јужниот пристанишен град Мариупол. 5 мај 2022 година

Тешки борби беснеат на истокот на Украина. Додека црноморското пристаниште Одеса е под руски ракетен напад, Москва го засили и нападот врз фабриката за челик во пристанишниот град Мариупол каде што последните украински бранители продолжуваат да даваат силен отпор.

Иако мнозинството од луѓето кои не се борци се евакуирани, најмалку 100 цивили и натаму се во фабриката за челик Азовстал која е под силен руски оган, изјави денеска помошник на градоначалникот на градот.

„Покрај војската, најмалку 100 цивили остануваат во засолништата во Азовстал. Сепак, тоа не ја намалува густината на нападите од окупаторите“, напиша на Телеграм Петро Андриушченко - помошник на градоначалникот на Мариупол.

Руските сили досега не успеаја да ја завршат окупацијата на Мариупол, каде што се проценува дека 2.000 украински борци продолжуваат да даваат отпор во челичарницата Азовстал.

Падот на Мариупол ќе ја лиши Украина од виталното пристаниште, а на Русија ќе и даде копнен коридор до нелегално анектираниот Кримски Полуостров и ќе ги ослободи нејзините војници за борби на други места.

Олех Синехубов - шеф на регионалната администрација на Харков денеска изјави дека тела на 44 цивили биле пронајдени во урнатини на зграда во градот Изум, која во март била уништена од Русија.