Локвенец - Со воз од Скопје до Софија во 2027 година

Илустративна фотографија

Роковите се почитуваат, а во втората половина на јуни ќе продолжат градежните работи на пругата кон Бугарија, со активности на првите две делници, за кои се заокружува тендерската постапка за избор на изведувач, информираше денеска директорот на Железници – Инфаструктура, Хари Локвенец.

Според него, реално е да се очекува железничкото поврзување на Скопје и Софија да се случи во 2027 година.

„Роковите што ги зададовме сите заедно, ова раководство на Железници – Инфраструктура и македонската Влада, е дека ќе почнеме оваа пролет. Имаме уште месец и половина, дозволете ни да го исполниме нашето ветување и оваа пролет да почне изградбата на првите две делници, од Куманово до Бељаковце и од Бељаковце до Крива Паланка“, рече Локвенец.

Тој рече дека според очекувањата и проектната документација, до крајот на 2023 година треба да заврши првата фаза, до крајот на 2024 или почетокот на 2025 втората фаза, а крајот на 2026 или почетокот на 2027 година е спомнат термин за завршување на третата фаза.

„Овде сакам само да ја надополнам информацијата дека сме целосно комплементарни со роковите и се надополнуваме со нашите колеги од Бугарија од железничката инфраструктура каде нивниот дел од работата за поврзувањето на Софија со Ѓуешево планираат да го завршат до крајот на 2027“, дополни Локвенец.

Инаку претходно властите од двете држави најавуваа дека поврзувањето ќе биде во 2025 година. За да стартуваат најавените активности за изградбата на пругата прво треба да се заокружи тендерот на кој веќе се избрани финалните понуди, потоа следува назначувањето на избраните компании и потпишување договор за изведба.

Со тоа треба да продолжат запрените активности на правата делница, проектирана во должина од 31 километар, а на која се завршени 54 проценти од работата и да стартуваат на втората, која е долга 34 километри. И за двете делници е заокружена финансиската конструкција.

Третата делница, од Крива Паланка до границата со Бугарија е во должина од 24 километри. За неа се обезбедени 60 милиони евра, што е само дел од потребните финансии, а има најава за грантови од ЕУ и кредитна поддршка од Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој.