Бугарскиот претседател Румен Радев денеска изјави дека неговата земја лани била изложена на сериозен притисок во врска со стартот на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, но како што истакна, го издржале „тој притисок“.
„Мислам дека и јас и преодната Влада ги образложивме причините и ги објаснивме позициите на Бугарија и тие беа прифатени. Станува збор за почитување на човековите права и говорот на омраза, што е некомпатибилно со европските принципи“, изјави Радев на настан во Софија по повод Денот на победата на фашизмот.
Според него, на притисокот може да се одолее доколку „се има јасни позиции кои го имаат предвид бугарскиот интерес“, но додаде и дека сепак „останува да се види дали Владата ќе го издржи притисокот“.
Запрашан за коментар на изјавата на министерот за надворешни работи Бујар Османи дека можеби ова е единствената и последна шанса за да се спасат односите меѓу Македонија и Бугарија и дека земјава направи се што можеше и не можеше да се направи, Радев само кусо одговори дека е „крајно непримерно да и се поставуваат ултиматуми на Бугарија“.
Османи викендов изјави дека можеби ова е единствената и последна шанса за да се спасат односите меѓу Северна Македонија и Бугарија, затоа што понатаму Владата ќе има се помалку и се поразредена политичка енергија, но и целото општество да се посвети на едно прашање кое што троши и политичка енергија, но ги троши и граѓаните во овие континуирани циклуси на надежи и на фрустрации.
Тој додаде дека Скопје направи се што можеше да се направи, но и тоа што не можеше да се направи во врска со надминување на проблемите со Бугарија, која веќе две години има ставено вето за почеток на преговорите на Македонија за влез во ЕУ.