Борел предлага ЕУ да ги искористи руските резерви за обнова на Украина

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел

Европската унија треба да размисли за запленување на замрзнатите руски девизни резерви за да помогне во плаќањето на трошоците за обнова на Украина по војната, изјави шефот за надворешна политика на блокот, Жозеп Борел, во интервју за „Фајненшл тајмс“.

ЕУ и нејзините западни сојузници ги ограничија меѓународните резерви на руската централна банка откако земјата ја започна својата инвазија на Украина, акции што Москва ги опишува како „специјална воена операција“.

Борел рече дека би било логично ЕУ да го направи она што го направија САД со средствата на авганистанската централна банка откако Талибанците ја презедоа таа земја.

„Ние ги имаме парите во нашите џебови и некој треба да ми објасни зошто тоа е добро за авганистанските пари, а не е добро за руските пари“, рече Борел.

Рускиот заменик-министер за надворешни работи Александар Грушко рече дека иницијативата на Борел е „целосно беззаконие“ и дека ќе и наштети на Европа ако биде усвоена.

„Тие (мерките) ќе им зададат удар на самите Европејци, на современиот финансиски систем и ќе ја поткопаат довербата во Европа и на Западот севкупно“, изјави Грушко.

Тој минатата недела изјави дека Москва треба да го конфискува имотот во сопственост на западњаци како одговор на предлогот на американскиот претседател Џо Бајден за пренос на замрзнатите средства на руската елита на Украина.

Руската инвазија на Украина на 24 февруари ги поттикна западните земји да ги воведат најстрогите санкции во модерната историја врз Русија и бизнис елитата на Москва, чекори што претседателот Владимир Путин најави дека ги смета како објава на економска војна.