Новите закани коишто ги донесе корона-кризата докажаа дека банкарскиот сектор во регионот и кај нас е отпорен на шокови и има капацитет да им одговори на предизвиците коишто можат да произлезат од руско-украинскиот конфликт. За заштита на економиите и финансиските системи, важно е монетарната политика постепено да се враќа во нормална состојба.
Ова го посочи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, која учествува на Десеттиот годишен состанок на гувернери и банкари од регионот, којшто се одржува во Ровињ, Хрватска. Ангеловска-Бежоска посочи дека банките го одржаа кредитниот циклус во сложените услови на пандемијата, додека кредитирањето дополнително зајакна од почетокот на годинава.
„Кредитирањето се зголеми за 10 отсто во март, при што растот на кредитирањето на корпоративниот сектор го надмина растот кај домаќинствата. Нефункционалните кредити и натаму се на ниско ниво од 3,1 отсто во март, што е меѓу најниските во земјите од Западен Балкан и пошироко и воедно е подобро во однос на нивоата забележани пред пандемијата. Банките располагаат со доволно капитал, што е важна предност при справувањето со ризиците. Финансиската изложеност на нашата земја кон Русија и Украина е доста ниска и немаме присуство на руски и украински банки“, рече Ангеловска-Бежоска.
Таа истакна дека иако очекувањата за економски раст и во Европа и во регионот се намалени, сепак проекциите за годинава сè уште се позитивни. Кредитирањето е умерено и претпазливо. Коефициентот на долгот во однос на приходите е околу 40 отсто, што се смета за претпазливо ниво и во согласност со европските лимити.