Нема договор меѓу СОНК и МОН, се чекаат пресметки од Министерството за финансии

Претседателот на СОНК Јаким Неделков

Се чекаат пресметките од Министерството за финансии за зголемување на платите на вработените во образованието повеќе од 12-те отсто што беа понудени од Владата, информираше денеска лидерот на СОНК Јаким Неделков по денешната рунда преговори со МОН, откако минатиот четвроток беше ставен во мирување тринеделниот штрајк во образованието.

Неделков сепак најави дека има одредено приближување на ставовите меѓу двете страни.

„Сепак има нијанси на размислување за дополнително зголемување на процентот од 12 проценти, меѓутоа кога, за колку итн., тоа се детали кои се уште ги утврдуваме, а за жал ниту министерот не може да излезе официјално со став бидејќи се уште нема точни информации од Министерствотио за финансии“, изјави Неделков.

Тој порача дека преговорите може сериозно да бидат нарушени ако на вработените не им бидат исплатени дневници за деновите кога штрајкувале. Рече дека со МОН не очекуваат ваков проблем, што не е случај со

Министерството за труд и социјална политика под чија ингеренција се детските градинки, кои беа дел од штрајкот. Оваа изјава доаѓа откако во медиумите беа објавени информации дека нема да има плати за дел од штрајкувачите во детските градинки.

Тринеделниот штрајк во обрразованието беше ставен во мирување пред една недела откако до СОНК било испратено известување од Министерството за труд и социјална политика за мирно решавање на работните спорови. Притоа беше избран и медијатор, а рокот за медијација е десет дена за усогласување на ставовите. Ако во тој рок не се постигне договор, преговорите ќе продолжат за уште десет дена.

Пред почетокот на денешните преговори, Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска рече дека има придвижување и позитивни сигнали дека е можно наскоро да биде постигнато решение меѓу СОНК и Министерството за образование и наука со кое штрајкот, што сега е во мирување, би бил прекинат, а платите во образованието би биле зголемени.

Владата за време на штрајкот понуди зголемување на платите во образованието за 12 отсто, но оваа понуда беше одбиена од СОНК.