Ахмети: Нема напредок за демократијата со блокади и бојкоти

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети

Бојкотот и блокадите ќе ни служат за да одиме напред, изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети коментирајќи ги најавите за блокада на Собранието од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Тој рече дека со нив нема напредок на демократијата, која се унапредува со дебати и компромиси.

Одговарајќи на новинарски прашања по промоцијата на книгата „Арбрешите помеѓу реалноста и митот“ во организација на Општина Чаир, тој се осврна на барањето на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за лидерска средба за што рече дека „нема ништо лошо во средби, под услов тие да не бидат условувани и со наметнување на теми“.

Во таа насока го спомена и спорот со Бугарија, која има ставено вето за членството на Македонија во ЕУ, кое меѓу другото го условува со ставањето на Бугарите во македонскиот Устав.

„Во ова прилика сакам да истакнам дека е важно да има средба и консултации како да се затвори прашањето со Бугарија, спор кој не спречува кон напредокот и почнувањето на преговори со ЕУ. Сигурно ние е потребен политички и етнички консензус во државата. Решавањето на овој проблем ги зацврстува стабилноста, мирот, безбедноста и релаксирањето на односите меѓу соседите“, дополни Ахмети.

Мицкоски најави активна блокада на Собранието од страна на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, откако пред неколку дена упати повик до премиерот Димитар Ковачевски за лидерска средба на која ќе утврдат датум за предвремени парламентарни избори.

Ковачевски пак одговори дека не прифаќа уцени и оти во услови кога се соочуваме со најголемата криза од Втората светска војна не се потребни избори туку одговорно делување на сите партии.