Германската министерка за одбрана Кристин Ламбрехт потврди дека нејзината земја ќе и испорача седум самодвижечки хаубици на Украина, кои ќе и помогнат да се одбрани од руската инвазија.
Ламбрехт рече дека украинските војници ќе бидат обучени во Германија за употреба на артилерија „Панцерхаубице 2000“, која е способна прецизно да истрела муниција на оддалеченост до 40 километри.
Германската армија ги опишува овие хаубици како најмодерни во светот, па 20 украински војници ќе мора да поминат обука пред да бидат испратени.
Германија ја засили својата материјална поддршка за Украина во последните недели, по критиките за првичната неподготвеност на германската влада да обезбеди помош во форма на тешко оружје.
Германската влада се најде под притисок на европските сојузници поради бавното снабдување со оружје за Украина, па дури на крајот на минатиот месец ја објави првата испорака, која се состои од тенкови „Гепард“.
Германскиот канцелар Олаф Шолц треба да и се обрати на нацијата во недела, 8 мај, на годишнината од крајот на Втората светска војна во Европа. Се очекува Шолц да го претстави и ставот на неговата влада за војната во Украина, пишува АП.