Орбан вели дека нема да го поддржи ембаргото на ЕУ за руската нафта

Виктор Орбан

Унгарскиот премиер го повтори ставот на неговата влада дека нема да го поддржи новиот предложен пакет санкции на Европската унија против Русија, кој вклучува ембарго за увоз на нафта.

Говорејќи на државното радио, Виктор Орбан рече дека ембаргото би било како фрлање „атомска бомба“ врз унгарската економија. Но, тој исто така рече дека Будимпешта е отворена за други предлози доколку тие не им наштетат на интересите на Унгарија.

Коментарите на Орбан доаѓаат еден ден откако извршното тело на Европската унија го откри својот досега најстрог пакет санкции против Москва поради нејзината инвзија против Украина.

Орбан, кој минатиот месец го освои четвртиот мандат на функцијата, се смета за најсилен поддржувач на Русија на ЕУ, со години наназад и многу пред инвазијата на Москва на Украина. Тој, исто така, често ја напаѓаше владата на Украина за правата на етничките Унгарци кои живеат во западна Украина.

Неколку други земји од ЕУ, вклучително Словачка, Бугарија и Чешка исто така изразија загриженост за последиците за националните економии доколку руската нафта биде забранета.

Орбан рече дека предлогот не прави разлика меѓу земјите. Членките на ЕУ кои имаат крајбрежје, на пример, можат да увезуваат нафта со танкери. Унгарија, која нема излез на море, ја нема таа опција и затоа е повеќе зависна од руската нафта преку цевководи.

Дипломатите рекоа дека Унгарија и Словачка ќе добијат рок до крајот на 2023 година, но Орбан посочи дека тоа не е доволно време.

„Точно знаеме што ни треба: пред се ни требаат 5 години за да заврши целиот овој процес, 1 до 1,5 година не е доволно за ништо“, рече тој.

Новиот предлог на ЕУ предвидува и санкционирање на поглаварот на Руската православна црква, нешто што Орбан додаде дека нема да го поддржи.