Ковачевски: Блокадата на Собранието е неодговорно однесување

Димитар Ковачевски, премиер на РСМ

Најавената блокада на Собранието е неодговорно однесување кое што не носи добро никому освен на оној којшто тоа го прави, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање за најавената блокада на Собранието од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Ова е едно неодговорно однесување кое што не носи добро никому освен на оној којшто тоа го прави, а тоа е Никола Груевски кој очигледно дека се уште му дава наредби на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ да прави вакви чекори. Собранието на државата треба да биде место каде што се унапредуваат законите, каде што се носат решенија за справување особено со кризава која што ја имаме во државата, а која што е резултат на војната која што се води во Украина и блокирање на Собранието е најлошото нешто што може некој политичар да го направи во овој момент,“ нагласи Ковачевски.

Блокирањето на Собранието, е однесување кое што во континуитет го отсликува однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ смета Ковачевски.

„Ги повикувам сите пратеници во Собранието да бидат на ниво на својата задача, бидејќи блокирањето на Собранието не значи ништо друго, освен блокирање на она што треба да се направи за граѓаните на државата. Втора работа која што исто така е многу важна, јас ги гледам денешните написи воопшто не доликува на демократска партија да одбројува денови, денес било петти ден, па четврти ден и да се служи со уцени и да се служи со закани затоа што јас потврдив во изминатите скоро четири месеци дека ниту на уцени, ниту на закани не подлегнувам, туку сум човек којшто води отворен дијалог со сите заинтересирани страни во општеството“, истакна премиерот.

Ковачевски во одговор на прашање кажа дека Владата има целосен политички и легален легитимитет.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски неодамна најави активна блокада на Собранието од страна на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски пред неколку дена упати повик до премиерот Димитар Ковачевски за лидерска средба на која ќе утврдат датум за предвремени парламентарни избори, а во спротивно се закани со „сериозни и досега непреземени чекори“. Ковачевски одговори дека не прифаќа уцени и оти во услови кога се соочуваме со најголемата криза од Втората светска војна не се потребни избори туку одговорно делување на сите партии, заедно со функционално Собрание.