Русија тврди дека израелски платеници се борат во Украина

Портпаролката на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова

Портпаролката на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова денеска изјави дека израелските платеници се борат заедно со украинскиот баталјон Азов, што дополнително ги влошува тензиите со Израел откако Русија сугерираше дека Адолф Хитлер има „еврејска крв“.

„Израелските платеници практично се рамо до рамо со милитантите од Азов во Украина“, изјави Марија Захарова за Спутник.

За Азов се слушна во 2014 година кога неговите ултрадесничарски активисти го кренаа оружјето за да се борат против проруските сепаратисти во Донбас во источна Украина, но оттогаш се под команда на украинската армија.

Тие се борат заедно со украинската армија против руските трупи откако Русија ја започна инвазијата на Украина на 24 февруари.

Членовите на Азов се дел од движењето на отпорот на Украинците во пристанишниот град Мариупол.

Сугерирајќи дека Израелците се борат заедно со единиците на Азов, кои Русија ги гледа како „фашисти“ и „нацисти“, Москва ги влошува тензиите што започнаа откако министерот за надворешни работи Сергеј Лавров во неделата (1-ви мај) рече дека Хитлер има „еврејска крв“.

Неговите изјави предизвикаа бурни реакции во Израел, каде неговата изјава беше протолкувана како „непростлива“ и „страшна историска грешка“.

Рускиот министер за надворешни работи во вторникот (3-ти мај) го обвини Израел дека го поддржува „неонацистичкиот режим во Киев“.