Северна Кореја лансирала ракета во правец на морето

Северна Кореја повторно лансирала балистичка ракета

Северна Кореја денеска лансирала балистичка ракета во правец кон исток, соопштија јужнокорејските и јапонските власти само неколку дена откако севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун изјави дека ќе го зајакне својот нуклеарен арсенал „на најбрзо можно темпо“ и се закани дека ќе го искористи против своите ривали. Генералштабот на Јужна Кореја во краткото соопштение наведе дека ракетата била лансирана во близина на источниот брег на Северна Кореја, без дополнителни детали. Јапонското Министерство за одбрана соопшти дека Северна Кореја лансирала можна балистичка ракета, исто така без дополнителни детали.

Северна Кореја ќе одговори со нуклеарно оружје на можен напад од Јужна Кореја

Невообичаено големиот број тестови на оружје, 14-ти тест од почетокот на годинава, укажува на двојната цел на Северна Кореја - да ги подобри ракетните програми и да изврши притисок врз Вашингтон поради замрзнатите преговори за нуклеарните прашања, велат експертите. Исто така, има знаци дека Северна Кореја се подготвува за нуклеарна проба што треба да се изврши во пробна постројка во североисточниот дел на земјата. Во минатата недела Ким Џонг Ун ги покажа најмоќните проектили за време на големата воена парада во главниот град Пјонгјанг, кога истакна дека ќе развие оружје „со најбрзо можно темпо“ и предупреди дека земјата ќе го искористи својот нуклеарен потенцијал како мерка на претпазливост доколку би биле загрозени нејзините национални интереси.