Шефот на германската опозиција во Киев, канцеларот Шолц одбива да дојде

Фридрих Мерц, претседател на Христијанско-демократската унија (ЦДУ)

Водачот на германските опозициски конзервативци Фридрих Мерц денеска доаѓа во Украина, каде што ќе се сретне со високи украински претставници, додека канцеларот Олаф Шолц јасно рече дека нема наскоро да ја посети земјата.

Шолц во изминатите недели разменува „пецкања“ со украинските претставници поради одбивањето на Киев да го покани во посета германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, кого Украина го обвинува дека бил близок со Русија додека бил министер за надворешни работи.

„Не може на земја која дава толкава воена помош, толкава финансиска помош, вие да ѝ кажете дека нејзиниот претседател не може да дојде“, рече вчера Шолц за државната телевизија ЗДФ.

Украинскиот амбасадор во Берлин Андриј Мелњик денеска одговори дека одбивањето на Шолц да ја посети Украина „не е многу државнички“ потег.

„Овде се работи за најбруталната војна за уништување од нацистичката инвазија врз Украина, тоа не е детска игра“, рече амбасадорот.

Опозицискиот лидер Фридрих Мерц, кој е на чело на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на поранешната канцеларка Ангела Меркел, треба да се сретне со украинскиот премиер Денис Шмихал, претседателот на украинскиот парламент Руслан Стефанчук и со други високи претставници во Киев, но не се очекува негова средба со претседателот Володимир Зеленски.