Вучиќ: Србија гасно да се поврзе и со Северна Македонија

Ковачевски и Вучиќ во Александропули, 5 мај 2022

На церемонијата по повод почетокот на изградбата на терминал за течен природен гас во Александропули, Грција српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека изградбата на ЛНГ терминалот е голем и важен настан за целиот Балкан и дека Србија треба гасно да се поврзе со Северна Македонија, јави дописникот на МИА од Белград.

„Ние сме многу благодарни и подготвени да преземеме големи количини гас во иднина“, изјави Вучиќ.

Тој посочи дека Србија треба да изгради системи за поврзување со Бугарија, бидејќи така ќе може да прифаќа и прима големи количини гас и дека „ќе треба да се направи нешто за да се поврзе Северна Македонија“.

Тој кажа дека и е благодарен на ЕУ, бидејќи, како што истакна, кога станува збор за потребата да се изгради српскиот дел, најголемиот дел од проектот е финансиран од ЕУ, додавајќи дека проектот за поврзување со Северна Македонија ќе го финансира ЕУ.

„Морам да кажам дека верувам дека можеме да направиме многу работи заедно. Сепак, гледам многу пречки на тој пат, а тоа не е само енергетско прашање, туку и храната, водата и многу други тешки предизвици кои ќе треба да ги решиме во иднина“, рече Вучиќ.

На одбележувањето на почетокот на работите присуствуваат и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, како и премиерите на Бугарија и Северна Македонија, Кирил Петков и Димитар Ковачевски.

Терминалот за течен природен гас (ЛНГ) треба да започне со работа следната година. Европскиот совет претходно рече дека новиот терминал за ЛНГ ќе го подобри снабдувањето со гас и инфраструктурата низ регионот на Југоисточна Европа.

„Пловечкиот терминал за ЛНГ во Александрополис ќе помогне да се постигне целта на ЕУ за што поскоро ставање крај на нејзината зависност од рускиот гас“, се вели во соопштението на Европскиот совет.