Во пресрет на свечената церемонија на започнување на реализацијата на изградбата на терминалот за течен природен гас во Александруполи, премиерот Димитар Ковачевски оствари средба со амбасадорот на САД во Грција Џефри Пајат и со амбасадорката на САД во Северна Македонија Кејт Мари Брнз.
Ковачевски и Пајат разговарале за важноста од развојот на регионалниот енергетски проект „Александруполи“ со што се отвора можноста за сигурно и безбедно снабдување со природен гас од различни добавувачи, диверзификација на изворите и пат за Северна Македонија и регионот да станат енергетски независни.
Од прес службата на Владата соопштија дека на средбата со фокус на енергетско-економските иницијативи, премиерот Ковачевски изрази благодарност за севкупната поддршка што Северна Македонија ја добива од САД во континуитет како и за важноста од стратешкиот енергетски проект за целиот регион.
„Амбасадорот Пајат изрази силни заложби за интензивираното стратешкото партнерство, за важноста на денешниот настан на почетокот на изградбата на терминалот за течен природен гас во Александруполи, кој претставува уште еден огромен придонес во јакнењето на регионалната соработка и во градењето на добрососедски релации“, се наведува во соопштението од Владата.
Межудругото, премиерот Ковачевски ги информирал амбасадорите Пајат и Брнз за актуелните економски процеси во Северна Македонија, за сите актуелни мерки кои Владата ги презема за ублажување на последиците од енергетската криза, предизвикана од воената агресија врз Украина како и за плановите за економски развој на среден и долг рок со фокус на инвестициите во успешна енергетска транзиција.