Полицијата во Ереван апси демонстранти кои бараат оставка од Пашинијан

Протести во Ереван, 2 мај, 2022

Полицијата во Ереван уапси 244 демонстранти кои блокираа улици со барање премиерот на Ерменија, Никол Пашинијан, да си даде оставка. Тие бараат оставка од него оти сметаат дека прави отстапки кон Азербејџан во однос на отцепениот регион Нагорно-Карабах.

Ерменската опозиција го обнови својот повик за протести на 2 мај, обвинувајќи го Пашинијан дека планира да му го отстапи целиот спорен регион на Азербејџан, откако минатиот месец им рече на пратениците дека „меѓународната заедница ја повикува Ерменија да ги намали барањата во однос на Карабах“.

Полицијата соопшти дека успеала да ги одблокира сите улици во главниот град, овозможувајќи јавниот превоз да може да функционира.

Потпретседателот на парламентот и лидер на опозицијата Ишхан Сагателијан пред новинарите изјави дека нивната борба е незапирлива и дека сè оди според планот и барањата на луѓето.

Канцеларијата на ерменскиот омбудсман соопшти дека нивни претставници се во полициските станици и им обезбедуваат правна помош на приведените.

Минатиот месец, Пашинијан и азербејџанскиот претседател Илхам Алиев се согласија да започнат со подготовка на билатерален мировен договор за решавање на конфликтот околу Нагорно-Карабах и да формираат заедничка комисија за демаркација на нивната заедничка граница за време на разговорите во Брисел.

Баку сака мировниот договор да се заснова на пет елементи, вклучително и меѓусебно признавање на територијалниот интегритет на едни со други. Пашинијан јавно изјави дека елементите се прифатливи за Ереван во принцип, поттикнувајќи ги тврдењата на ерменската опозиција дека е подготвен да го признае азербејџанскиот суверенитет над Нагорно-Карабах.

Баку ја врати контролата врз делови од отцепениот регион во војната во 2020 година, како и седум соседни области кои беа под контрола на етничките ерменски сили од крајот на сепаратистичката војна во 1994 година. Околу 2.000 руски војници се распоредени да го надгледуваат сегашниот прекин на огнот.

Нагорно-Карабах, кој беше под контрола на етнички Ерменци речиси три децении, е меѓународно признат како дел од Азербејџан.