Маричиќ- Менувањето на Уставот не треба да е предуслов за преговори со ЕУ

Сакаме документ со јасно исцртани обврски за Северна Македонија и Бугарија, за да немаме нови барања кога сегашните ќе се решат, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во интервју за тв емисијата „360 степени“.

„За промената на Уставот јасно кажавме дека содржински немаме проблем која било заедница да е вградена во Уставот, но сметаме дека пред почетокот на преговорите со ЕУ тоа не е ни корисно, а ни возможно. Не сметаме дека менувањето на Уставот треба да е предуслов за почеток на преговорите, бидејќи за тоа ни треба повеќе време и градење доверба,“ изјави вицепремиерот.

Могерини: Неодложно започнување на преговорите со С. Македонија и Албанија е во интерес на ЕУ

За спорот со Бугарија, нагласи уште еднаш, ќе се бара европско решение, базирано на европски вредности, без врзување за временски рамки и датуми.

„Временски рамки и датуми не носат никаков успех. Сепак, тоа не значи дека имаме бескрајно трпение за разговори. Што повеќе чекаме, тоа помалку ќе има решителност и енергија за решавање. Наша водилка во преговорите е Резолуцијата усвоена од Собранието, за која гласаа сите партии и ниту едно решение нема да биде надвор од тој документ“,изјави Маричиќ.

Патот на Македонија кон ЕУ последно е блокиран пред околу две години, со бугарското вето. Бугарија тврди дека земјава ја краде бугарската историја и дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот, а меѓу барањата е и ставање на Бугарите во македонскиот Устав.