Руската централна банка најави намалување на основната каматна стапка

Илустрација

Централната банка на Русија денеска соопшти дека ја намалува основната каматна стапка од 17 на 14 отсто. Ова е второ соопштение за намалување на каматните стапки во текот на овој месец.

Банката ја зголеми стапката на 20 отсто кон крајот на февруари, откако започна неиспровоцираната инвазија на Русија врз Украина и откако западните земји воведоа опсежни санкции. Претходно ја намали стапката на 17 отсто.

Прогнозите на централната банка се дека руската економија ќе се намали за 8 до 10 отсто оваа година посочувајќи дека економијата се соочува со предизвици поради санкциите.

„Ние сме во зона на колосална несигурност и во однос на понудата и побарувачката“, изјави гувернерката Елвира Набиулина.

Централната банка соопшти дека годишната инфлација била 17,6 отсто заклучно со 22 април и прогнозира дека ќе достигне до 23 отсто до крајот на 2022 година, пред да забави следната година.

Иако е загрижена за инфлацијата, банката соопшти дека нејзината монетарна политика ќе се фокусира и на потребата од „структурна трансформација на економијата“ со оглед на променетите околности.

Централната банка соопшти и дека увозот опаѓа позначително од извозот поради надворешната трговија и финансиските ограничувања.