Петровска- Балфорт: Што поскоро преговори на С.Македонија со ЕУ

Министерка за одбрана Славјанка Петровска

Министерка за одбрана Славјанка Петровска на средбата со директорката за безбедносна и одбранбена политика на Европската служба за надворешно дејствување, Јоанеке Балфорт порачала дека Западен Балкан мора да биде високо на агендата на Европската Унија.

„ЕУ мора да биде решителна и што поскоро да ги започне пристапните преговори со Северна Македонија“, истакнала Петровска на средбата со Балфорт во Скопје.

На средбата, како што соопшти Министерството за одбрана, Петровска истакнала дека европската перспектива е исклучително важна особено во време на безбедносни предизвици на континентот. Според неа, овој процес влијае и на кредибилноста на Унијата.

Балфорт, како што се наведува во соопштението, се согласила дека Северна Македонија е подготвена за почеток на преговори.

„Се надеваме дека ќе можеме брзо да ги започнеме пристапните преговори, што ќе даде исклучително позитивен импулс. Северна Македонија е подготвена за овој процес“, порача Балфорт.

Во однос на соработката помеѓу НАТО и ЕУ, Петровска и Балфорт, според соопштението, заклучиле дека и двете организации имаат заеднички предизвици кои бараат заеднички решенија. Тие истакнале дека и НАТО и ЕУ мора да работат заедно на многу прашања, особено во градењето отпорност против заканите.