Протест на наставници против одлуката на СОНК за ставање на штрајкот во мирување

Протест на наставници во Скопје

Повеќе наставници доцна попладнево се собраа пред седиштето на Синдикатот за образование наука и култура (СОНК) за да го изразат своето незадоволство од одлуката на синдикалниот лидер Јаким Неделков за ставање на штрајкот во мирување.

Велат дека се чувствуваат изиграни од претседателот на СОНК и се изненадени од ваквата одлука, за која посочуваат дека нема согласност од членството.

Порачуваат дека штрајкот е за враќање на нивното достоинство и почитување на колективниот договор, а не како што велат, за ценкање со проценти и покачувања на платата од 18 отсто.

Според претседателот Неделков, одлуката на СОНК била донесена откако до нив стигнало известување од Министерството за труд и социјална политика дека Министерството за образование и наука е подготвено за мирно решавање на спорот.

Од СОНК изјавија дека мора да го почитуваат законот и дека доколку во текот на мирното решавање на спорот не се изнајдат соодветни решенија, повторно ќе го активираат штрајкот.

„Ќе мора да постапиме согласно закон и штрајкот да го ставиме во мирување. Тоа значи дека одлуката за влегување во генерален штрајк ја ставаме во мирување се додека не се реши спорот. Убедени сме дека во периодот на помирување ќе ги најдеме соодветните решенија и дека нема да има потреба да го активираме штрајкот“, рече Неделков и додаде дека пак ќе има штрајк ако не се усогласат со ставовите со ресорното Министерство за образование и наука.

Видео - Средношколците со предлози како да се надополни пропуштената настава

Штрајкот започна на 11-ти април, а голем дел од учениците изгубија три недели од наставата. Засега нема најави на каков начин таа ќе биде надокнадена.

Барањата на СОНК се зголемување на платите за 18,5% односно нивно усогласување со минималната плата која од март се зголеми на 18.000 денари, како и дополнително минималната плата да биде основица со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работни места. Владата им понуди 12 % повисоки плати што беше одбиено од страна на синдикатот.