СОНК го става штрајкот во мирување, учениците од утре на настава

Претседателот на СОНК - Јаким Неделков

Синдикатот за образование, наука и култура го става штрајкот во мирување.

Ова денеска на прес конференција го соопшти претседателот на СОНК - Јаким Неделков.

Причина за ваквата одлука на СОНК, како што рече Неделков, е добиеното известување од Министерството за труд и социјална политика за мирно решавање на работните спорови.

Сепак од СОНК велат дека штрајкот повторно ќе биде активиран доколку не се најде соодветно решение и доколку не се усогласат барањата со Министерството за образование и наука.

„Ние сме убедени дека во наредниот период на помирување ќе најдеме заеднички решенија и дека нема да има потреба да го активираме повторно штрајкот. Доколку не се договориме во законскиот рок, штрајкот повторно ќе биде активиран“, рече Неделков.

Првиот човек на СОНК додаде дека очекува дневниците за време на штрајкот дека нема да бидат скратени и изрази надеж дека платите ќе бидат зголемени, а колективните договори ќе бидат потпишани и утврдени со рокови.

Штрајкот започна на 11-ти април. Барањата на СОНК се зголемување на платите за 18,5% односно нивно усогласување со минималната плата која од март се зголеми на 18.000 денари и дополнително минималната плата да биде основица со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работни места.

Владата им понуди 12 % повисоки плати.