Русија суспендирана од Светската туристичка организација

Зураб Пололикашвили Генерален секретар на Светската туристичка организација на Обединетите нации

Светската туристичка организација на Обединетите нации ја суспендираше Русија од организацијата поради инвазијата врз Украина.

Повеќето од 160-те земји-членки ја поддржаа одлуката на вонредното Генерално собрание на туристичката организација, изјави портпаролот.

Со оглед на тоа што Русија очекуваше ваква одлука, самата на почетокот на состанокот објави дека се повлекува од организацијата.

Генералниот секретар на Светската туристичка организација, Зураб Пололикашвили, рече дека статутот на агенцијата е јасен, а тоа е промовирање на туризмот за мир и универзално почитување на човековите права и само членовите кои се придржуваат до него можат да бидат дел од организацијата.

Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека се работи за „политички мотивирана одлука“ која ја смета за нелегитимна.

Исто така, се тврди дека гласањето било поттикнато од „антируска пропаганда“ и „уцена“.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека одлуката на Русија да ја напушти организацијата нема да влијае врз земјата.