Грција ќе му плати на Газпром до крајот на мај и ќе ѝ помогне на Бугарија

илустрација

Грција соопшти дека ќе ѝ понуди помош на Бугарија откако Русија соопшти дека го прекинува снабдувањето со гас и дека ќе ја изврши сопствената следна исплата на рускиот производител на гас Газпром до крајот на мај, како што е предвидено. Грција се потпира врз руски гас за повеќе од 30 насто од своите годишни енергетски потреби и има договор кој трае до 2026 година. „Газпром“ во средата соопшти дека ја запрел испораката на гас за Бугарија и Полска поради тоа што не платиле во рубљи, што е најтешката одмазда на Кремљ досега на меѓународните санкции поради војната во Украина. Премиерот Киријакос Мицотакис и неговиот бугарски колега Кирил Петков телефонски разговараа за ова прашање во средата.

Бектеши – И да запре рускиот гас, влијанието за Македонија ќе биде скоро нула

„Премиерот рече дека Грција ќе ѝ помогне на Бугарија да се справи со новонастанатата ситуација предизвикана од руските одлуки за енергетиката“, се вели во соопштението од кабинетот на Мицотакис, без да наведат дополнителни детали. Подоцна, официјален претставник на грчкото Министерство за енергетика изјави за Ројтерс дека Бугарија веќе резервирала течен природен гас, кој ќе биде испорачан преку грчкиот терминал Ревитуса ЛНГ во близина на Атина.

Петков: Бугарија нема да подлегне на уцени и да го плаќа гасот во руски рубљи

Во средата попладне, Мицотакис претседаваше со итен состанок со претставници на енергетскиот сектор. По состанокот, неговата канцеларија издаде соопштение во кое се вели дека Грција не очекува никакво нарушување на снабдувањето со енергија и дека нејзините следни плаќања кон Газпром ќе бидат извршени „во последните 10 дена од мај“. Атина не разјасни како ќе ја изврши исплатата, но рече дека можеби ќе може да избегне проблеми со снабдувањето со гас на неодредено време.