Талат Џафери – Денес сум Украинец

Претседателот на македонското Собрание Талат Џафери во посета на Украина.

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска ја посети Украина и се обрати на Конгресот на локалните и регионални совети под претседателство на претседателот на Украина, Володимир Зеленски.

„Денес сум Украинец“, рече Џафери во обраќањето во Киев.

Тој изјави дека и покрај тоа што е војник, и покрај свежите сеќавања на војните на Балканот, останал онемен и бесен од тоа што го видел во Ирпин и во Буча.

„Лично ќе се заложам за што поскоро усвојување на одлуки за помош и поддршка на Украина“, рече тој, и потсети дека македонското Собрание на 3 март донесе Декларација со која се осудува рускиот напад врз Украина, како и дека се придружи на западните санкции против Москва.

Оваа посета на претседателот на Собранието Талат Џафери е прва од овој вид на висок претставник од регионот и прва посета од сите нивоа на власт во Македонија.

Тој дојде во посета на земјата на покана на претседателот на украинскиот Парламент Руслан Стефанчук. Џафери допатувал со воз преку Полска во раните утрински часови, информираат од кабинетот на Џафери. Заедно со Џафери, во посета на Украина беа и претседателите на парламентите на Романија и Швајцарија. Тие ги посетија Ирпин, Буча и Гостомељ.