Јанакиески: Ако ме осудите и шести пат, ништо нема да се смени

Миле Јанакиески пред Суд, архивска фотографија.

Судот да донесе ослободителна пресуда во случајот ТНТ, побара денеска поранешниот министер за транспорт и врски за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Јанакиески, кој е обвинет во случајот.

Случајот се однесува на уривањето на објектот Космос на бизнисменот Фиат Цановски. Јанакиески на денешното рочиште на кое беа завршните зборови, рече дека не постои ниту еден акт што е потпишан од него како министер, а се однесува на рушењето на објектот „Космос“.

Јанакиески вели дека не постои телефонски разговор или СМС-порака каде врши поттикнувачки дејствија кон обвинетитот Тони Трајковски, а уште помалку кон инспекторката Елизабета Најдовска. Тој додаде дека не постои ни комуникација каде се бара незаконски да се сруши објектот „Космос“ и посочи дека овие два столба, односно поттикнувањето и барањето начин незаконски да се сруши објектот се основните битија во актот. Исто така, нагласи и дека „Фијат Цановски сам истакнал дека бара политичко решение, со што признава дека објектот е нелегален“.

„Ако добијам и шеста осудителна пресуда, дали нешто ќе се смени во општеството? Мојот одговор е дека ништо нема да се подобри, освен што Цановски ќе заработи од Буџетот на државата, давајќи поттик на други своето незаконско работење да го прикријат преку политички решенија користејќи ги правосудните органи“, посочи Миле Јанакиески.

Тој го спомена и помилувањето од страна на поранешниот претседател на државата, Ѓорге Иванов, но и, како што рече, мислењето на сегашниот министер за правда, Никола Тупанчевски кој вели дека предметот е застарен.

Според Јанакиески, „ова е единствен предмет на СЈО каде не се штитат интересите на државата и Буџетот и оти предност се дава на приватниот интерес, односно на човек кој незаконски гради и проблемите ги решава преку политика“.

За Јанакиески е повлечено дел од обвинението кое се однесува за набавката на експлозивите со кои беше миниран дел од комплексот во 2011 година.

Обвинителот Бурим Рустеми во завршниот збор побара затворски казни за сите обвинети.

Утре завршни зборови ќе има обвинетиот Тони Трајковски. Покрај Јанакиески и Трајковски, за делото се обвинети и поранешниот премиер Никола Груевски, на кого му се суди во отсуство, како и еден градежен инспектор и тројца вработени во Општина Гази Баба.

За Јанакиески се водат уште неколку предмети како Титаник, Талир, Топлик, Траекторија и Шпански скали.