Извршниот директор на Хјуман Рајтс Воч, Кенет Рот, денеска најави дека по три децении се повлекува од лидерската позиција во глобалната организација со седиште во Њујорк. Рот, кој ја водеше организацијата од 1993 година, ќе замине на крајот на август, се вели во соопштението на ХРВ.
„Ништо не може да трае вечно. Време е да ја предадеме палката“ изјави Рот во видео пораката која беше денеска објавена.
Тој изрази „голема увереност“ дека неговите колеги ќе продолжат ефикасно да ги бранат човековите права.
„Додека ја напуштам Хјуман рајтс воч, не ја напуштам нашата кауза“, рече тој.
Под негово раководство, оваа невладината организација од мала група прерасна глобална организација за права која сега вработува над 500 вработени ширум светот.
ХРВ: Руските сили да им дозволат на цивилите безбедно да го напуштат Мариупол
Оваа организација во 1997 година ја доби Нобеловата награда за мир за напорите да се забрани употребата на противпешадиските нагазни мини и одигра клучна улога во формирањето на Меѓународниот кривичен суд.
Доказите собрани од нејзиниот персонал за време на конфликтите ширум светот им помогнаа на меѓународните трибунали во носењето на судски пресуди против воени злосторници меѓу кои поранешниот воен лидер Чарлс Тејлор за конфликтот во Сиера Леоне и водачите на босанските Срби за време на војната, Радован Караџиќ и Ратко Младиќ.
„Денес, среде ужасното злосторсто што се случува во Украина, постои инфраструктура која може да помогне да се повикаат на одговорност сторителите“, се вели во соопштението на организацијата.
Москва ги затвора канцелариите на Амнести интернешенел и Хјуман рајтс воч
Претходно во интервју за новинската агенција Франс прес Рот изјави дека иако руската инвазија врз нејзиниот сосед е поразителна, „мојот најголем страв досега е Кина“.
„Кина е економски моќна и е решена да го поткопа глобалниот систем за човекови права. За Кси Џинпинг, единствениот начин да остане на власт е да биде длабоко репресивен и активно да го ослабне меѓународниот систем за човекови права“, изјави тој.
Кинеска светска офанзива против човековите права
Кина воведе санкции против Рот лично и го протера од Хонг Конг кога тој отпатува таму за да го објави годишниот светски извештај на Хјуман рајтс воч во јануари 2020 година, „кој ја истакна заканата на Пекинг за глобалниот систем за човекови права“, соопшти организацијата.