Управата за матични книги од утре на штрајк

Илустрација

Управата за матични книги од утре стапува во генерален штрајк, преку кој ќе бара да се донесе колективен договор на ниво на работодавач, линерано да се покачат платите и да се унапредат работните позиции.

„Во Министерството за правда на наменскиот состанок за донесување на колективниот договор од страна на претставникот на Министерството јасно ни беше ставено до знаење дека предлогот колективен договор нема да биде усвоен, па токму ова е само една од причините за донесување на одлуката за генерален штрајк“, рече претседателот на Независниот синдикат на Управата за матични книги, Тони Милошески на прес-конференција пред Владата.

Според него, оваа одлука следи откако им било ставено до знаење дека нема да бидат прифатени нивните барања.

„Порастот на минималмната плата донесе до изедначување на платите кај вработените со најразлични статуси, ние како Синдикат сметаме дека треба да има линеарно покачување од причина што трошоците за живот во континуитет растат, а платите на вработените долги години наназад воопшто не се покачени, дури и одредени вработени земаат под минималната плата која е загарантирана со закон“, подвлече Милошески, потенцирајќи дека во Управата мора да се врши одговорно унапредување на вработените.

Минималната плата од минатиот месец е зголемена од 15.200 на 18.000 денари.