Ангеловска-Бежоска: Денарот ќе биде сидрото на стабилноста на нашата економија

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска

Денарот ќе биде „сидрото на стабилноста на нашата економија“, порачува гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска во писменото обраќање по повод 30 години од монетарното осамостојување.

„Стабилноста на денарот и финансиската стабилност беа зачувани и во налетот на најострата економска криза, предизвикана од пандемијата на вирусот ковид-19. Народната банка беше еден од столбовите коишто ја задржаа стабилноста на целиот економски систем, остварувајќи ги своите мандаторски цели, давајќи ѝ поддршка на економијата преку соодветни политики и мерки. Нема да згрешам ако речам дека по оваа криза, станаа посилни и економијата, и институциите коишто се дел од економскиот систем. Народната банка уште еднаш ја потврди определбата за задржување на стабилноста на денарот и тој и во иднина ќе биде „сидрото на стабилноста на нашата економија“, вели Ангеловска-Бежоска.

Девизните резерви, како што посочува, се одржуваат во комфорно ниво, а банкарскиот систем е поставен на целосно пазарни основи и е стабилен, ликвиден и доволно капитализиран.

На денешен ден во 1992 година беше воведен денарот како национална валута и беа донесени пакет закони со кои државата се осамостои монетарно.