Нов напад врз полицијата во северно Косово

Напад врз косовската полиција на 15 април.

Патрола на косовската гранична полиција била нападната во селото Жупче, во општина Зубин Поток, на северот на Косово, кој е претежно населено со Срби. Ова за Радио Слободна Европа го потврди портпаролот на полицијата за тој регион, Бранислав Радовиќ. На местото на настанот излегле истражни и патролни единици.

Полицијата потврди дека на главниот пат во селото Жупче било пукано врз службено возило на граничната полиција, при што возилото било оштетено, а истражната единицата го обезбедува местото каде што се случил нападот.

Српската листа објави соопштение во кое го осудува инцидентот.

„Овој инцидент има за цел да ја дестабилизира ситуацијата, но е и обид да се претстават Србите како насилници, што не е точно“, се вели во соопштението на Српската листа.

Српска листа ги повика „сите граѓани да се воздржат и да не станат цел на провокации и да не дозволат ваквите инциденти да го загрозат толку потребниот мир во оваа област“.

„Кој и да го направил ова не му мисли добро на српскиот народ“, заклучуваат тие во соопштението.

Ова е само уште еден во серијата напади врз полицијата во северно Косово.
Косовскиот министер за внатрешни работи Џалал Свечља на 15 април, говорејќи за полициските напади во северно Косово, на вонредна прес-конференција рече дека различни групи извршиле четири напади во областа во последните три дена.