Украина негира дека е отворен хуманитарен коридор во Мариупол

Жители на Мариупол го напуштаат градот.

Украина негираше дека е постигнат договор со Русија за формирање хуманитарен коридор со цел да им се овозможи на цивилите да ја напуштат областа на фабриката за челик Азовстал во опколениот пристанишен град Мариупол.

Украинската вицепремиерка Ирина Верешчук изјави дека руската објава за хуманитарен коридор била објавена еднострано и дека не постои.

„Официјално и јавно изјавувам: за жал, денеска нема договори за хуманитарни коридори од Азовстал. Коридорот што Русија го најави не обезбедува безбедност и затоа, всушност, не е хуманитарен коридор“, објави Верешчук на Телеграм.

Таа, исто така, побара од генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, да „иницира и гарантира“ коридор за цивилите со присутни претставници на Обединетите нации и Црвениот крст. Гутереш оваа недела треба да одржи разговори во Русија и Украина.

Помошник на претседателот Володимир Зеленски, Олексеј Арестович рече дека руските сили ја напаѓаат фабриката за челик.

„Непријателот продолжува да ја напаѓа нашата одбрана во областа на фабриката Азовстал користејќи авиони, артилерија... пукајќи со тенкови и обидувајќи се да напредува со јуришни групи, прекршувајќи ја наредбата на сопствениот врховен командант“, рече Арестович, мислејќи на рускиот претседател Владимир Путин.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека коридорот ќе биде отворен во денеска на пладне по средно европско време за сите цивили да ја напуштат областа. Путин минатата недела дека е непотребно да се нападне фабриката.

Распространетиот челичен комплекс остана последниот бедем на украинскиот отпор во стратешкиот пристанишен град Азовско море. Руската воена инвазија во Украина влезе во третиот месец, при што досега има илјадници убиени, милиони раселени лица и многу уништени градови.