СОНК: До сега нема договор, можна е средба попладне во Владата

Јаким Неделков, претседател на СОНК

До сега нема взаемен договор со ресорните министри за прекин на штрајкот на просветните работници и вработените во градинките, изјави на денешната прес-конференција претседателот на СОНК, Јаким Неделков и најави дека е можно попладне да има средба во Владата.

„Има сигнал дека попладне ќе се сретнеме во Владата. Нашето очекување е во интерес на учениците, во интерес на децата во детските градинки, во интерес на родителите, во интерес на колегите кои штрајкуваат, да постигнеме договор во однос на зголемување на платите согласно Законот за минимална плата“, изјави Неделков.

Како што рече лидерот на СОНК, доколку нема договор, штрајкот продолжува и утре. Тој очекува да постигне и договор за динамика на пораст на платите во следните години.

Видете и ова: Влада – Неодговорно е да се продолжи со штрајкот во образованието

Членовите на СОНК штрајкуваат од 11 април, со барање за поголеми плати. Голем дел од родителите, особено оние кои немаат кои немаат кој да им ги чува децата бараат прекин на штрајкот или заменски наставници, кои, за сега, ги има само во мал број училишта во државата.

Владата понуди зголемување на платите за 10 проценти, што беше одбиено од СОНК. Од Владата сметаат дека е „неодговорно да се продолжи со генералниот штрајк во образованието и покрај понуденото решение за раст на платите“ и побараа „штрајкувачите да не се донесуваат во заблуда, а наставата и преговорите да продолжат“.