Парламентарни избори во Словенија

Словенскиот премиер Јанез Јанша гласа на парламентарните избори во Словенија на 24 април, 2022

Словенците денеска гласаат на деветтите парламентарни избори од осамостојувањето на државата, на кои учествуваат 20 партии, пет помалку од пред четири години, а 1.464 кандидати се борат за 88 од 90 пратенички места во Државниот збор (Парламентот).

Уште пет кандидати се борат за две места резервирани за припадниците на италијанското и унгарското национално малцинство кои имаат посебни кандидатски листи и по едно загарантирано место во Парламентот.

Како што соопштија од Државната изборна комисија, до 11 часот своето право на глас го искористиле 21,05 отсто од гласачите, односно 356.976 гласачи.

За едно место во Националното собрание се борат речиси 17 кандидати, а во трка се 80 пратеници од претходниот парламент, премиерот и десет актуелни министри во Владата на Словенија и 13 градоначалници.


При поднесувањето на кандидатските листи партиите мора да ја имаат предвид родовата квота од 35 отсто, а според досега познатите податоци меѓу сите кандидати за 88 пратеници има 649 жени, што е нешто повеќе од 44 отсто.

Гласачите можат да гласаат до 19 часот, а дотогаш е изборен молк.

Денешните парламентарни избори повторно ќе бидат регуларни по 2008 година, бидејќи дури три циклуси парламентарни избори беа предвреме распишани поради пад на владите и тоа во 2011, 2014 и 2018 година.