Османи утре патува за Берлин, ќе се сретне со Лирман, Рот и Хофрајтер

Министерот за надворешни работи Бујар Османи

Министерот за надворешни работи Бујар Османи утре ќе отпатува во работна посета на Германија, во чии рамки ќе се сретне со државната министерка надлежна за Европа, Ана Лирман.

Исто така е најавена и негова средба со Михаил Рот, претседател на Комисијата за надворешни работи, и со Антон Хофрајтер, претседател на Комисијата за ЕУ прашања.

Покрај тоа, во агендата се предвидени средби и со советниците на германскиот Канцелар Олаф Шолц – Јенс Плотнер, за надворешна политика, и Ундине Руге, за ЕУ прашања.

Како што соопштија од Министерството за надворешни работи, целта на посетата е да се реафирмира германската позиција во однос на нашето европско досие и поддршката во однос на итната потреба од деблокирање на пристапниот процес со ЕУ.

Патот на Македонија кон ЕУ последно е блокиран пред околу две години, со бугарското вето. Бугарија тврди дека земјава ја краде бугарската историја и дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот, а меѓу барањата е и ставање на Бугарите во македонскиот Устав.

Претходно проблем беше името во спорот со Грција, но тој беше надминат со договорот во Преспа, со што земјава доби име Република Северна Македонија.