Нов силен земјотрес, овојпат со јачина од 4,8 степени според Рихтеровата скала утрово ја погоди Босна и Херцеговина, соопшти Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар.
Неговиот епицентар бил на 17 километри источно од Столац на длабочина од 10 километри.
Потресот бил почувствуван во поширокото подрачје, што предизвика нов страв кај жителите на овој регион.
Овој земјотрес е дел од последователната серија земјотреси кои следуваа откако ноќта во петокот, земјотрес со јачина од 5,6 степени ја погоди Босна и Херцеговина, со епицентарот во близина на Столац.
Во него загина едно 28-годишна девојка откако врз нејзиниот семеен дом падна голема карпа. Од падот на карпата повредени беа сите членови на семејството.
Денеска во градот Столац е ден на жалост.
Силниот земјотрес, како што пренесуваат босанските медиуми, предизвикал и повеќе оштетувања на семејни куќи, но и на други објекти како училишта и здравствени установи.
Само ноќта помеѓи петокот и саботата во регионот беа регистрирани 30-тина земјотреси.