Бесплатен воз за млади и пензионери по неколку дена во месецот

Железничката станица во Скопје

Од 1 мај годинава, Македонски железници воведуваат бесплатен железнички превоз за повеќе категории граѓани, односно за млади, студенти и средношколци како и за пензионери.

„Со оваа мерка овозможуваме континуирана поддршка на граѓаните се со цел поттикнување на железничкиот сообраќај како најевтин и еколошки превоз, се појаснува во соопштението од Министерството за транспорт и врски“.

Одлуката е донесена согласно мерките за намалување на трошоците на живот за граѓаните, Владата на Република Северна Македонија преку Министерството за транспорт и врски и Железници на Република Северна Македонија Транспорт АД-Скопје.

Така, согласно возниот ред на Железници на Република Северна Македонија Транспорт АД-Скопје за 2022 година бесплатниот воз ќе може да го корисат сите млади лица до 27 години, секоја прва и трета недела во месецот, во период на викенд денови од петок од 12 часот, до понеделник до 12 часот.

Дополнително, секој четврток пак превозот ќе биде бесплатен за студенти, а секоја среда за средношколци.

За пензионерите пак, односно за сите жени од 62 години и мажи од 64 години оваа мерка ќе важи секој втор викенд во месецот (петок, сабота и недела), појаснуваат од Железници.

Инаку, бесплатните патувања во внатрешниот железнички патнички сообраќај, за пензионерите и младите беа воведени пред неколку години, со цел да се помогне на оваа категорија граѓани. Сепак, тие беа времено стопирани од март 2020, кога почна пандемијата, а сега повторно се враќаат назад.