Силен земјотрес во Босна и Херцеговина, загина девојка

Земјотрес во Босна и Херцеговина, урнатини во градот Мостар

Едно лице загина, а најмалку три беа повредени во силниот земјотрес што ја погоди Босна и Херцеговина доцна синоќа, поради што многумина ги напуштија своите домови.

Земјотресот, кој се случи нешто по 23 часот, беше почувствуван низ целата земја, во соседните Хрватска, Србија и Црна Гора, но и во Македонија, посебно кај граѓаните што живеат на повисоките катови на зградите.

Директорот на кантоналната болница Сафет Мујиќ во Мостар за РСЕ потврди дека жената која починала била повредена во градот Столац. Таа била пронајдена меѓу урнатините откако дел од рид се урнал врз нејзината семејна куќа, потврдија од болницата за РСЕ. Била родена во 1992 година.

Таа веќе била почината кога била донесена во болница, изјави директорот додавајќи дека има уште три лица со повреди на главата. Сите се пуштени на домашно лекување.

Ранко Радиќ, началникот на цивилната заштита во Љубиње, кој се наоѓа на околу 30 километри од Столац, за РСЕ изјави дека и во тој град има оштетени автомобили, покриви и оџаци.

Земјотресот бил со јачина од 5,7 степени, со епицентар на околу 42 километри југоисточно од градот Мостар, на длабочина од околу 5 километри, соопшти Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (ЕМСЦ).

ЕМСЦ предупреди дека се веројатни и нови последователни потреси во наредните часови и денови.

Од противпожарната служба во Требиње, која се наоѓа на околу 80 километри од епицентарот, за РСЕ потврдија дека нема пријавена штета.

Во некои делови на Мостар е забележан прекин на струја, а оџак паднал од зграда во градска улица.