Вучиќ – Србија плаќа висока цена оти не воведува санкции кон Русија

Српскиот претседател Александар Вучиќ.

Србија создава многу проблеми и плаќа многу висока цена затоа што е единствена земја во Европа која не воведе ниту една рестриктивна мерка против Русија, порача денеска српскиот претседател Александар Вучиќ на прес-конференција.

Вучиќ се осврна на Резолуцијата на Европскиот парламент со која новоизбраните власти во Србија се повикуваат да воведат санкции за Русија. Тој порача дека тој ќе се раководи од интересите за Србија доколку такви санкции бидат воведени.

„Ние нив многу ги цениме, страшно ни се важни, но не се лутете, на нас многу ни се поважни граѓаните на Србија и Парламентот на Србија“, рече Вучиќ.

Во нацрт Резолуцијата во која Радио Слободна Европа имаше увид, се повикуваат новоизбраните власти во Србија да покажат вистинска посветеност на вредностите на ЕУ и да ги усогласат со одлуките и позициите на ЕУ во надворешната политика, вклучително и со санкциите кон Русија.

Во текстот се наведува дека европските власти се „длабоко загрижени“ поради ширењето на дезинформации за руската агресија против Украина.

Властите во Србија и покрај повиците на Западот и понатаму одбиваат да воведат санкции против Русија. Србија три пати гласаше против Русија во Обединетите нации, но поддржува само одлуки кои не се однесуваат на санкции.