Путин ги откажа плановите за напад на фабриката за челик во Мариупол

Архивска фотографија - Рускиот претседател Владимир Путин и министерот за одбрана Сергеј Шојгу

Рускиот претседател Владимир Путин му нареди на министерот за одбрана Сергеј Шојгу да ги откаже плановите за упад во фабриката за челик Азовстал во опколениот украински пристанишен град Мариупол и наместо тоа да ја блокира со цел да ги заштити животите на руските војници.

За време на денешниот видео состанок Шојгу му рекол на Путин дека „цел Мариупол е под контрола на руската армија“ и сепаратистите поддржани од Москва, додека фабриката во Азовстал е „безбедно затворена“ по неколку недели тешки бомбардирања и интензивни борби низ целата територија.

Путин му честиташе на Шојгу за „ослободувањето“ на Мариупол, велејќи дека би било „непрактично“ да се нападне огромниот индустриски комплекс.

Шојгу му рекол на Путин дека повеќе од 2.000 украински борци сè уште се засолнати во огромната централа, која има големи подземни објекти, и тврди дека на руските сили им требаат само неколку дена за да го „завршат“ преземањето на комплексот.

Шојгу рече дека повеќе од 142 илјади цивили биле евакуирани од Мариупол преку хуманитарни коридори. Тоа тврдење е противречно од она што го тврдат украинските власти кои велат дела само на мал број бегалци им било дозволено да го напуштат градот од почетокот на војната на 24 февруари.

Претходно на 21 април, украинската вицепремиерка Ирина Верешчук рече дека само четири автобуси со евакуирани цивили го напуштиле Мариупол на 20 април наместо планираните 90 автобуси со кои се очекуваше да бидат евакуирани околу 6.000 луѓе.

Таа во изјава за Телеграм рече дека евакуацијата на жените, децата и постарите лица ќе продолжи на 21 април.