Спасовски - Отворањето на клубот „Ванчо Михајлов“ е провокација и нема да ги подобри односите со Бугарија

Отворање на културниот центар Ванчо Михајлов во Битола на која присуствуваше и бугарскиот премиер Кирил Петков

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска изјави дека за него е неприфатливо отворањето на Културниот центарот „Иван (Ванчо) Михајлов“ во Битола, со име на, како што рече, учесник или соработник на Хитлер, на фашистички окупатор.

Тоа, вели Спасовски, претставува провокација и нема никако да придонесе кон подобрувањето на односите, ниту ќе ја подобри климата во Бугарија, ниту ќе ја подобри климата во Северна Македонија.

Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на Општата болница Куманово, го повтори ставот на Владата – дека сакаат преку принципиелни разговори да се дојде до решение се со цел да го оствари националниот интерес. а тоа е членството во ЕУ.

„Цврсто стојам на ставот дека нашата земја е никната практично од НОБ и тие придобивки ги почитувам максимално и тоа го прави секој граѓанин заради тоа што борбата против фашизмот во тоа време е придобивка која што сите ние и идните генерации мораме да ја сочуваме, да ја негуваме, тие традиции да ги негуваме се со цел да не ни се врати нешто што навистина беше погубно за целиот свет“, изјави Спасовски.

Според него, сите политичари треба да се свртат кон иднината и кога ќе носат одлуки да ги носат за идните генерации.

Отворањето на културниот центар „Ванчо Михајлов“ во Битола предизвика бурни реакции од македонската јавност. На отворањето присуствуваа бугарскиот премиер Кирил Петков, шефицата на дипломатијата Теодора Генчовска и потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова.

Критиките од македонската јавност во најголем дел се затоа што Михајлов е познат соработник на нацистите.