Во Словенија е во тек предвремено гласање за изборите в недела

словенечкиот премиер Јанез Јанша

Во Словенија е во тек предвременото гласање за 90 пратеници во Народното собрание. Отворени се 96 избирачки места, по едно во секоја од изборните единици низ државата, а може да гласаат гласачите кои нема да бидат во местото на живеење в недела или од други причини. Околу 1,65 милиони гласачи имаат право на глас на парламентарните избори кои ќе го одредат составот на идната влада. Од 90 пратеници, 88 ќе бидат избрани од списокот од 21 партија и граѓанска организација кои имаат пријавени кандидати на овогодинешните избори. Останатите двајца се припадници на италијанското и унгарското малцинство.

Јанша и Голоб во тесна трка пред парламентарните избори во Словенија

Претставниците на малцинствата се избираат само од полнолетните граѓани на овие заедници во местата каде што живеат. Изборната кампања ќе продолжи до петок на полноќ, кога почнува изборниот молк. Според анкетата спроведена од агенцијата Медијана, излезноста на овогодинешните избори во Словенија би можела да биде значително поголема отколку на изборите во 2018 година, кога гласале 52,6 отсто од запишаните избирачи. Некои аналитичари сметаат дека е претерана проценката дека овојпат би можеле да гласаат дури 70 отсто од гласачите.