СОНК ќе решава за владиниот предлог за зголемување на платите

Претседателот на СОНК Јаким Неделков на средба во МОН

За денеска е закажана седница на Советот на СОНК на која, како што најави претседателот на овој синдикат Јаким Неделков, ќе биде донесена одлука во врска со предлогот на владата за зголемување на платите од 10 насто со цел да биде прекинат штрајкот во образованието. Владата исто така формира работна група која треба да почне преговори за нов колективен договор со репрезентативните синдикати и за методологија која ќе обезбеди континуиран раст на платите во јавниот сектор. Во врска со штрајкот, Владата ги задолжи МОН и МТСП да ги преземат сите чекори за наставата во училиштата да продолжи исто како и згрижувањето на децата во градинките согласно уставните права на децата и согласно законски утврдените одредби за одвивање настава во услови на штрајк.

Владата го повика СОНК да прифати покачување на платите од 10 отсто

Истовремено, Владата побара од двете министерства на штрајкувачите да им бидат исплатени само придонеси за времето поминато во штрајк, согласно закон. Владата ги повикува раководителите на образовните институции, наставниците и воспитувачите во предшколските установи да ја продолжат наставата, учениците да се вратат во училиштата, а родителите да продолжат да ги носат децата во градинките. СОНК штрајкува веќе втора недела во школите и градинките барајќи зголемување на платата и усогласување со минималната, која од мартовската плата изнесува 18 илјади денари.