Сенатори на САД порачаа Србија да ја усогласи својата надворешна политика со европската

Српскиот претседател Александар Вучиќ со американските сенатори Крис Марфи, Џин Шејхин и Том Тилис, 19 април, Белград.

Американските сенатори на Комисијата за надворешни работи Крис Марфи и Џин Шејхин, како и сенаторот Том Тилис на прес-конференција во Белград истакнаа дека Србија мора да ја усогласи својата надворешна политика со Европската унија.

Тие денеска истакнаа дека во овој историски момент е важно сите демократски земји во Европа да испратат јасна порака до Русија и да ја повикаат на одговорност.

Сенаторката Џин Шејхин изјави дека на средбата со Вучиќ разговарале и за воведување санкции од страна на Србија против Русија.

„Разговаравме за тоа и сигурна сум дека ќе продолжиме да разговараме, мислам дека го претставивме случајот“, рече таа.

На прашањето на Радио Слободна Европа зошто Србија треба да воведе санкции кон Русија, сенаторот Крис Марфи рече дека на претседателот на Србија Александар Вучиќ на состанокот истиот ден му „пренеле надеж“ дека политичките и економските односи меѓу Србија и САД „ќе бидат уште посилни“, но и перцепциите за руската инвазија врз Украина, односно за „грубото кршење на меѓународните норми“.

„Се надеваме дека ќе можеме да бидеме со Србија во наредните недели и месеци, да ја испратиме таа јасна порака до Русија. Ова е пресвртница, не само за Европа, туку и за целиот свет. Ако демократските земји во светот не се заедно сега, тогаш ќе ја остават вратата отворена за другите големи земји да го сторат истото во другите делови на светот“, рече Марфи.

Тој изјави дека текот на војната во Украина е „брутален“, дека мета се цивили и дека демократските држави не можат да го толерираат тоа.

„Ги разбираме историските врски меѓу Србија и Русија. Ние продолжуваме да ја поддржуваме Србија на нејзиниот пат кон членство во ЕУ и стоиме покрај народот на Србија во тој процес“, рече Марфи.

Посетата на американските сенатори доаѓа во време кога, според изјавите на претседателот Александар Вучиќ, Србија е под „голем притисок“ да воведе санкции кон Русија поради нејзината инвазија на Украина.

Србија три пати гласаше против Русија во Обединетите нации (ОН), но експлицитно ги поддржува само одлуките што не се однесуваат на санкциите.

Кога станува збор за дијалогот меѓу Србија и Косово кој е закочен на највисоко политичко ниво од јули 2021 година, Марфи рече дека е длабоко разочаран што нема напредок во тој процес.

„Основите за признавање се таму, сега останува на страните (во дијалогот) да го спроведат“, рече Марфи.