Владата го повика СОНК да прифати покачување на платите од 10 отсто

Штрајк во училиште.

Владата денеска на седница донесе одлука да биде направен ребаланс на Буџетот, со што да бидат предвидени средства за покачување од 10 проценти на платите на вработените во образованието и градинките.

Како што соопшти владината прес-служба, Владата ги задолжила Министерството за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика и Минситерството за финансии да ги предвидат средствата за покачување на платите во основното, средното образование и детската заштита во висина од 10 отсто.

Инаку, Владата на денешната седница ја усови информацијата за состојбите во основните и средните училишта предизвикана од штрајкот на вработените согласно одлуката на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК).

Во соопштението се вели дека Владата го повикува СОНК да го прифати ова покачување и во интерес на децата да продолжи образовниот и згрижувачкиот процес.

Претходно денеска, министерот за образование и наука Јетон Шаќири ги повика наставниците да ја разгледаат одлуката за прекин на наставата, да ја имаат предвид понудата за покачување на платите од 10 отсто и економската состојба во која се наоѓа државата и да ги повикаат учениците во училиштата.

Министерот денеска изјави дека е во комуникација со претседателот на СОНК Јаким Неделков.

Неделков, пак, потврди дека денеска разговарал телефонски со министерот Шаќири, но рече дека немало конкретен договор што би довел до прекин на штрајкот во училиштата и градинките и нов процент на покачување на платите од веќе понудените 10 процент.

СОНК штрајкува веќе втора недела во школите и градинките барајќи зголемување на платата и усогласување со минималната, која од мартовската плата изнесува 18 илјади денари. Синдикатот ја одби понудата на Владата да зголемување на платите од 10 проценти.

Во денешното владино соопштение се вели дека Владата формирала работна група во која се вклучени вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, министерот за финансии Бесими, министерот за образование и наука Шаќири, министерката за труд и социјална политика Тренчевска и министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити, да отпочнат процес за преговори за колективен договор со репрезентативниот синдикат и за методологија за континуиран раст на платите во јавниот сектор.

Министерството за информатичко општество и администрација било задолжено да започне процес за подготовка на закон за платите во јавниот сектор, информира владината прес-служба.

Од друга страна, Владата ги задолжила Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика да ги преземат сите чекори за одржување настава во основното и средното образование, и згрижувањето на децата во градинките согласно уставно загарантираното право за образование и за предучилишна грижа на децата и согласно законски утврдените одредби за одвивање на настава во услови на штрајк.

„Владата ги задолжи Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика да обезбедат исплата на платите согласно законските одредби во услови на штрајк“, се вели во соопштението.

Исто така се наведува дека Владата ги задолжила Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика да достават информација до Владата за одговорот на СОНК во врска со овие заклучоци, како и да побара писмено известување врз основа на кој правен акт е прекината наставата во основните и средните училишта и врз основа на кој законски акт персоналот на предучилишните установи одбиваат да ги примат децата, се вели во соопштението.