Грција заплени руски танкер

Танкерот „Пегаз“ кој плови под руско знаме

Грчките власти соопштија дека заплениле руски танкер во Егејското Море како дел од санкциите на Европската унија наметнати против Русија поради нејзината неиспровоцирана инвазија на Украина.

Танкерот „Пегаз“ кој пловел под руско знаме е запленет во близина на островот Евија. Во танкерот имало 19 членови на екипажот, морнари од Русија.

„Запленет е како дел од санкциите на ЕУ“, рече претставник на Министерството за поморство на Грција.

Крајбрежната стража соопшти дека наредбата за заплена се однесувала на самиот брод, а не на неговиот товар.

Бродот имал механички проблеми и бил придружуван со шлепер до Пелопонез за да може неговиот товар да биде префрлен на друг брод. Меѓутоа, немирното море го принуди во близина на пристаниште во Каристос.

Европската унија, чиј член е Грција, усвои широк опсег на санкции против Москва поради нејзината неиспровоцирана инвазија на Украина, со цел да ја осакати руската економија и да го притисне претседателот Владимир Путин да стави крај на војната против Украина.

Санкциите вклучуваат забрани за увоз и извоз за широк спектар на стоки и забрана за пристап до пристаништата на ЕУ на бродови под руско знаме.