Приведена поранешната претседателка на Врховниот суд на Црна Гора, Весна Меденица

Поранешната претседателка на Врховниот суд на Црна Гора, Весна Меденица

Поранешната претседателка на Врховниот суд на Црна Гора, Весна Меденица, е уапсена доцна синоќа на аеродромот во Подгорица, јавија подгоричките медиуми, повикувајќи се на полициски извори.

Таа е приведена во полиција поради основни сомневања дека извршиле две кривични дела – создавање криминална организација и противзаконско влијание, јавуваат медиумите.

Балканскиот сервис на РСЕ не доби официјална потврда на оваа информација од Управата на полицијата и од Специјалното државно обвинителство.

Филип Аџиќ, кој е советникот на потпретседателот на Владата Дритан Абазовиќ, на својот Фејсбук профил, споделувајќи текст на Меденица, напиша дека во Црна Гора „нема веќе недопирливи“.

„Правдата ќе затропа на секоја врата. Ќе создадеме земја на еднакви шанси за сите, земја со правда и силни институции“, пишува Аџиќ.

Претходните денови подгоричкиот портал „Либертас прес“ објави низа текстови во кои синот на Весна Меденица, Милош се поврзува со шверц на цигари и дрога. Порталот се повика на податоците кои Европол ги доставил до црногорската полиција и обвинителство. Меденица и нејзиниот син за порталот ги демантираа тие наводи.

Според објавените транскрипти од комуникацијата на апликацијата „Скај“ што ги објави подгоричкиот портал, Меденица наводно знаела за незаконските активности на нејзиниот син додека била претседател на Врховниот суд.

Според истиот извор и објавените транскрипти, Милош Меденица напишал дека може да очекува заштита од мајка си, а во декември минатата година ја напуштил Црна Гора.

Весна Меденица 17 години беше на чело на Врховниот суд, до декември 2020 година кога поднесе оставка на функцијата.